Ракометен ден на Градскиот плоштад


Ракометната академија „Андреа Лекиќ“, денеска на Градскиот плоштад во Охрид организираше ракометен ден. Во рамки на настанот на кој присуствуваше и ракометарката на ЖРК „Вардар“, Андреа Лекиќ беа презентирани различни техники и игри, а на посетителите им беше овозможено и дружење со неа.

Во изјава за медиумите, Андреа Лекиќ изрази задоволство од гостопримството на Охрид и охриѓани, како и безрезервната поддршка која општина Охрид и ја пружила во организацијата на овај настан.

Сакам да ве поздравам и да Ви се заблагодарам што со своето присуство ја поддржувате оваа манифестација. Ми претставува огромна чест и задоволство што оваа моја трета по ред ракометна академија се одржува во Охрид. Поради тоа им должам голема благодарност на градоначалникот Никола Бакрачески и неговиот кабинет, како и директорот на СРЦ „Билјанини Извори“, Ристе Мише, кои одлично не пречекаа – изјави Лекиќ.

Академијата започна на 20 и ќе трае до 26 јуни, а на неа учествуваат повеќе од 70 деца од 10 различни земји, што оваа академија ја прави интернационална.

Ракометарката на „Вардар“ во знак на благодарност им додели пригодни подароци на заменик градоначалникот и директорот СРЦ „Билјанини Извори“.

Од нашите насмеани лица може да забележите дека уживаме во Охрид и се надевам дека ќе се видиме и следната година, додаде Лекиќ.

Целта на академијата е да се научат некои основни карактеристики поврзани за ракометот, дружење и пред се да се научат основните човекови вредности, како децата би прераснале во добри луѓе па понатака во добри спортисти.

Во име на општина Охрид, присутните и учесниците на академијата ги поздрави заменик градоначалникот Ангел Јанев, кој ја потенцираше важноста од ваквите случувања во Охрид.

И благодарам на ѕвездата на светскиот ракомет, што е дел од Охрид, дел од оваа прекрасна приказна оваа година, а се надевам ќе биде со нас и во идните годините, рече заменик градоначалникот Ангел Јанев, кој потенцира дека „Ракометот не е само спорт, тоа е многу повеќе од спорт“, туку е образование, дружење и културно надградување.

Директорот на СРЦ „Билјанини Извори“ потенцира дека со овај настан се прави еден пресврт во работењето на претпријатието.

Голема чест и задоволство претставува што летниот камп на најдобрата светска ракометарка Андреа Лекиќ ќе ги одржува тренинзите токму во салата „Билјанини извори“. Одржувањето на овај камп е показател дека ние како претпријатие сме направиле голем исчекор и своевиден пресврт во нашето работење, истакна директорот Ристе Мише.

Користењето на услугите од СРЦ „Билјанини извори“ од спортисти од светски ранк е показател дека Охрид има капацитет да опслужува и организира големи настани, а самото тоа претставува промоција пред врвната спортска јавност.

PREUZETO SA: a1on.mk